Македонија

Пожарот во Карбинци ставен под контрола, се сумираат штетите

22.07.2021 14:53

Во рок од дваесет дена во Општина Карбинци во два пожари опустошени се околу 200 хектари земјоделски површини, а вчерашниот пожар целосно уништи неколку објекти. Денес се расчистува теренот и се сумираат штетите. Утре ќе се утврдува дали дотраената инсталација во локалната трафостаница го предизвикала пожарот...

Сѐ уште тлее полето во Општина Карбинци. Вчерашниот пожар опустоши околу 100 хектари земјоделско земјиште, изгореа две куќи и фотоволтаичната централа на Комуналното претпријатие „Плачковица“.

Претпоставка е дека пожарот е резултат на стара и неисправна електрична инсталација кај локалната трафостаница. Ова е втор пожар во последните двасетина дена во Карбинци.

Екипи на комуналното претпријатие денес работеа на расчистување на остатоците, а вршеа и контрола на теренот кој сѐ уште тлее.

Два големи пожари вчера имаше и во Кочани, едниот во село Бање каде изгореа десет хектари земјоделско земјиште, вториот во градот. Таму запалена дива депонија предизвикала голем пожар кој три часа се гасеше со шест возила и со помош на пожарникари од Виница.

Славица Величковска