Јавна расправа

Земјоделците контра законот за продажба на државно земјоделско земјиште

22.07.2021 16:27

Јавна расправа за законот за продажба на државно земјоделско земјиште. Земјоделците стравуваат дека ситните производители ќе извисат и дополнително ќе осиромашат. Се заканија оти нема да дозволат сѐ да заврши во рацете на богаташи и олигарси, а спорно за нив е и што по 10 години, дозволена е и пренамена. Министерот Хоџа тврди дека ова ќе биде голема реформа. Предвидено е на продажба да отидат 50 илјади хектари...

Првата јавна расправа за Нацрт-законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост на едно место ги соочи ставовите на државата и на претставниците на индивидуалните земјоделци, здруженија и асоцијации. Ресорниот министер убедува дека целта на законот е пред сè рационално користење на земјоделското земјиште и развојот. Предвидено е најмалку 10 години да не може ова земјиште да се пренаменува, ниту пак да се даде под концесија за експлоатација на минерални суровини.

„Продажбата треба да овозможи продажба на земјоделското земјиште на мали земјоделци, млади земјоделци, земјоделци кои имаат земјоделско земјиште во сопственост на државата, односно имаат земјиште што граничи со државното. Тоа ќе овозможи да се зголемат површините на малите и младите земјоделци, да се окрупни земјоделското земјиште, а се во насока на зголемување на продуктивноста на земјоделското производство“, изјави министерот за земјоделство, Аријанит Хоџа.

Реагираа земјоделците. Се сомневаат дека овој модел на продажба ќе овозможи преземање на државното земјоделско земјиште од страна на богатите поединци, што ги потсетува на периодот на приватизација.

„Нашиот предлог е да одиме со она со што не отидовме во приватизацијата на фирмите, а тоа е да го приватизираме земјоделското земјиште на начин што сите граѓани на Македонија ќе добијат, можеме да одиме со ваучери како што беше во Словенија, Чешка или Словачка. Таа земја е на сите нас луѓе. На ваков начин земјоделското земјиште ќе влезе во рацете на грабливците, ние ги викаме грабливци. Плус има опасност ова земјиште понатаму да се претвори во градежно“, изјави Јордан Трајков, иницијатива Граѓански фронт.

Од ресорот земјоделство уверуваат дека при продажбата предност ќе имаат младите земјоделци и оние што имаат помали парцели.

Земјоделците стравуваат и од пренамена на земјоделското земјиште и затоа бараат забраната наместо најавените 10, да биде 20 односно 30 години. Владата веќе ја прифати забелешката и ја напушти определбата за продажба на земјиште на стратегиски инвеститори.

Свето Николовски