Презентиран јавниот повик за дигитален AI асистент

23.07.2021 13:11

Дигиталниот асистент ќе се користи за потребите на програмите за државна помош на Владата – Поголема транспарентност, ефикасно и ефективно добивање на податоци за бизнисот во реално време...

Заменикот на претседателот на Владата, Битиќи и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Петров, го презентираа  јавниот повик за дигитален AI асистент, кој ќе се користи за потребите на програмите за државна помош на Владата на Република Северна Македонија кои се реализираат преку Планот за економски раст.

Вицепремиерот Битиќи соопшти дека оваа дигитална алатка ќе има за задача да ја олесни комуникацијата и пристапот до информации на домашните и странските компании и инвеститорите. Дигиталниот асистент треба да е способен за брзо учење, да овозможи комуникација со корисниците преку текстуални пораки, да го прилагоди својот јазик и тон врз основа на контекстот, да разбере и одговори на македонски, албански и англиски јазик и лесно да се ажурира во реално време.

„За реализација на овој јавен повик обезбедивме 9 милиони денари од буџетот на ФИТР или околу 150 илјади евра, а тоа ќе биде 100% поддршка за најиновативната идеја за создавање дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, кој би се користел за потребите на програмите за државна помош, а ќе се имплементира во Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони и Фондот за иновации и технолошки развој.  Ова треба да го намали времето на чекање на одговор од институциите како и да ја олесни целата процедура и пристап до информации кои се важни за компаниите и инвеститорите“, посочи Битиќи и додаде дека ова е само првиот чекор кој се прави, заедно со развојот на стратегијата за вештачка интелигенција, имаме визија за развој на целиот еко систем.

Алатката ќе ги дава сите потребни информации и помош за мерките од Планот за економски раст кој е инструмент за поддршка на развојот на домашните и странските компании, а во насока на изедначување на критериумите и условите за добивање на државна помош на сите компании, независно дали се домашни или странски, микро, мали, средни или големи, усвоен и донесен во 2018 година.