Во Крим од утре важат руските закони

26.03.2014 10:30

Ситуацијата на Крим ќе биде тема на денешната средба на претставници на ЕУ и НАТО со претседателот на САД, Барак Обама.

Присоединувањето на Крим кон Русија заврши, од утре почнуваат да важат руските закони, објави градоначалникот на Севастопол Алексеј Чали. Тој ја повика проруската војска да се распушти и да се разоружи, во согласност со рускиот закон, но некои од командантите најавија протести против одлуката. Ситуацијата на Крим ќе биде тема на денешната средба на претставници на ЕУ и НАТО со претседателот на САД, Барак Обама.

„Русија е регионална сила што им се заканува на непосредните соседи, не бидејќи е силна, туку бидејќи е слаба“, изјави претседателот на САД, Барак Обама.

Москва предупредува дека Западот избира да остане слеп пред украинскиот ултранационализам. Како што рече претставникот на руското МНР, Роман Кашаев на 25-тото заседание на Советот на Обединетите нации за човекови права, тешко е да се објасни овој пристап на Европската Унија и САД.

Според него, ширењето на неонацизмот во Европа прераснува во терор, а очигледен пример е Украина, каде што радикалите дошле на власт по неуставен државен удар.

Ултрадесничари од „Десен сектор“ се закануваат со убиства на Руси и одмазда против новата украинска власт поради убиството на еден од нивните лидери, Александар Музичко, во полициска акција.Националистите најавуваат – нивното време штотуку почнува.

Раша Тудеј објави и снимка од телефонски разговор на поранешната украинска премиерка Тимошенко во кој вели дека е време да се убијат проклетите Руси, ако треба и со нуклеарно оружје.

На аудио записот се слуша како вели „Подготвена сум да земам автомат и да му пукам в глава на кучкиниот син“ и дека ќе ги покрене сите врски и целиот свет за во Русија да не остане ни спржена земја.

За разлика од Тимошенко, која негираше само делови од разговорот, нејзиниот соговорник, вториот човек на Советот за национална безбедност го отфрли целиот како непостоечки.

 

Ивана Салтировска