Локални избори

Партиите со предизборни калкулации и разговори

23.07.2021 16:13

Мнозинството е стабилно, коалицијата со ДУИ нема да им штети на партнерите, изјави премиерот Заев. Секој ќе добие шанса, но треба да го понуди најдобриот кандидат за градоначалник или советник. Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека постои расположение за соработка со Алијанса и Алтернатива. Од опозициската партија посочуваат дека резолуцијата за државните позиции е многу важна и е добро македонското собрание што поскоро да ја изгласа...

Коалицијата со ДУИ значи заеднички настап на локалните избори. СДСМ може да поддржи кандидати на ДУИ уште во првиот круг и обратно, изјави лидерот на владејачката партија Зоран Заев. Појасни дека поддршка ќе има и во вториот круг, а ќе им се даде шанса и на кандидатите од помалите партии. По средбата со Ахмети, Заев го најави заеднички настап на локалните избори и рече дека се во тек постапки за избор на најдобрите кандидати.

ВМРО-ДПМНЕ најавува можен настап на изборите со Алијанса и Алтернатива. Пратеникот Милошоски вели дека кај нив постои расположение за разговори со овие две партии за коалициона соработка пред првиот и меѓу двата изборни круга.

Пратеникот вели дека Резолуцијата за државните позиции со евроинтеграциите и блокадите од Бугарија доставена до пратениците е многу важна и е добро македонското собрание што поскоро да ја изгласа. Ја оцени како натпартиска, со сериозна европска вредност, а тоа е правото на определување и идентитет, како и зачувување и негување на сопствената историја.

 

Анита Димитријевска- Велковска