УНЕСКО

Охридскиот регион не е ставен на листата на наследства во опасност

23.07.2021 16:42

На денешната сесија Комитетот за светско наследство на светската организација, на предлог на Босна и Херцеговина не донесе одлука за ставање на Охридскиот регион на листата на светски културни и природни наследства во опасност. Бидеќи имаа спротивставени мислења, на Босна и Херцеговина и на Норвешка им е оставен простор да формираат заедничка група која дополнително ќе одлучи околу ова прашање...

Охридскиот регион, сепак не е ставен на листата на светски културни и природни наследства во опасност. Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 44-тата сесија што се одржува во кинескиот град Фуџоу на Босна и Херцеговина и Норвешка кои имаа дијаметрално спротивставени мислења ги задолжи да формираат заедничка група што ќе го дефинира конечниот став на светската организација. Инаку Босна и Херцеговина побара бришење на одредбите од Нацрт- одлуката за ставање на Охридскиот регион на Листата на наследство во опасност. На учесниците на денешната сесија на Комитетот на УНЕСКО им се обрати и министерката за култура, Ирена Стефоска која рече дека нашата земја во изминатите две години демонстрирала истрајност и подготвеност за исполнување на препораките на УНЕСКО.

„Северна Македонија останува доследна во решеноста да го задржи статусот на Охридскиот регион преку обезбедување негова заштита и одржлив развој. Во текот на изминатите две години се интензивирани напорите за исполнување на препораките на УНЕСКО. Веќе е донесен планот за управување со Охридскиот регион, завршена е првата фаза од рехабилитацијата на колекторскиот систем, се одвива процесот на уривање на дивоградбите на крајбрежјето, Студенчишкиот канал е прогласен за Парк на природата и се напуштија плановите за железничка пруга кон Албанија“, изјави министерката за култура Стефоска.

Експертите во текот на сесијата рекоа дека ги поттикнуваат двете држави да разработат заеднички план кој би се реализирал етапно, меѓутоа со јасно утврдени краткорочни и долгорочни цели за да се отстранат или ублажат заканите за културното и природното наследство.

 

 

Сашо Нелоски