Сушата и жештините се закануваат на родот
Тропските и надпросечни температури на воздухот, кои се одржуваат многу долго, претставуваат апсолутно најнеповолна агрометеоролошка состојба. Земјоделците се загрижени бидејќи сега е време кога голем дел од култури се наоѓаат во фаза на интензивна вегетација, а вода нема доволно. Прогнозата и за оваа недела останува непроменета и жешка...

Сушата и жештините целосно ја исцедија и последната капка влага од земјата. Недостатигот на вода за наводнување дополнително ја влоши состојбата, бидејќи водостоите на реките и акумулациите се на многу ниско ниво или речиси празни, а подземните води се драстично намалени.
Загрозени се сите култури. Пролетните, индустриските и градинарските, но и долгогодишните насади како овошките и виновата лоза особено онаму каде нема никакви услови за наводнување.
Ваквите надпросечни горештини ќе се задржат и во текот на оваа седмица со температури кои повторно ќе бидат околу 40-от степен, и суша без врнежи, со топол јужен ветер што уште повеќе ќе ја вжештува атмосферата.
Затоа и препорака на агрометеоролозите е земјоделците е да ги искористат сите можни капацитети за наводнување, за да спасат барем дел од родот.
Мала промена на времето, како што прогнозираат, се очекува на крајот од неделава со благо намалување на температурите за околу 2 до 4 степени, што ќе биде неприметливо во една ваква екстремно загреана атмосфера.
Методија Трајков
