Ковид-19

Рестриктивните мерки ги наполнија вакциналните пунктови на истокот

16.08.2021 09:57

Минатата недела се зголеми интересот на граѓаните за вакцинација во источниот регион. Регионалниот вакцинален пункт во салата „Јордан Мијалков“ во Штип е затворен, имунизацијата се одвива во Здравствениот дом, каде има доволно вакцини доколку интересот и понатаму остане висок. Расте и бројот на хоспитализирани во модуларната болница во Штип.

Дневно над петстотини граѓани се имунизираат во вакциналните пунктови во Здравствениот дом во Штип, исто толку и во Кочани. Повеќе од половината ја примаат првата доза од вакцините на Синовак, Фајзер или Астра Зенека. Рестриктивните мерки кои стапуваат на сила утре, го зголемија интересот за имунизација во источниот регион.

Од почетокот на имунизацијата во вакциналниот пункт во салата „Јордан Мијалков“ кој е затворен пред десет дена имунизирани се над 30.000 граѓани од Штип и регионот. И покрај зголемениот интерес за вакцинација, времето на чекање е 15 минути и засега не се размислува за повторно активирање на спортската сала за имунизација.

Од ден на ден расте бројот на пациенти во модуларната болница во Штип, каде се хоспитализирани 15 лица, од кои 12 се на кислородна поддршка. Во модуларната болница во Кочани засега пациенти нема, иако со 38 заразени, во моментот Кочани е градот со најголем број активни случаи на истокот.

 

Славица Величковска