Велес

Кај езерото „Младост“ отворен забавен парк за лицата со попреченост

16.08.2021 10:29

Лицата со попреченост на езеро „Младост“ добија забавен парк, соодветен за потребите на оваа категорија деца. Инвестицијата е 10 милиони денари, најголем дел обезбедени од Швајцарската агенција за развој...

Езеро „Младост“ и неговите посетители добија нова содржина, забавен парк за лицата со попреченост. „Паркот на срцата“ има две тактилни патеки и реквизити, соодветни на потребите на сите посетители, вклучително ги и тие со ограничена мобилност. Со воведувањето на нови рекреативни содржини и услуги во туристичката понуда на езерото „Младост“, целта е еднаков пристап за сите посетители.

Со проектот се обезбедува пристап од плажата до водата и се набавија реквизити за во вода, специјална количка за да можат лицата со попреченост да влезат во езерото, како и лежалки, елеци за спасување, кациги за во вода. Со забавниот парк и со справите за капење за лицата со попреченост на плажата, во следната година ќе работи Здружението на лица со церебрална парализа.

Со овој проект, лицата со посебни потреби добиваат можност да бидат целосно вклучени во содржините за забава кои се нудат на езерото. Инвестицијата е во вредност од 10 милиони денари, финансиски е поддржана од Швајцарската агенција за развој, Министерството за локална самоуправа и Општина Велес.

 

Петар Печков