За влез и излез од државата негативен ПЦР тест, доказ за примена вакцина или прележан Ковид- најави Филипче

16.08.2021 12:07

Регулирање на влезот и излезот од државата поради ширење на Ковид-19 ќе побара министерот за здравство Венко Филипче од Владата. Од денеска почнуваат со работа модуларната болница до Клиниката за инфективни болести и инфективното одделение во ГОБ „8 Септември“. И понатаму расте бројот на новодијагностицирани случаи со Ковид-19, а се зголемува и бројот на пациенти на кои им е потребна хоспитализација...

Регулирање на влезот и излезот од државата поради ширење на Ковид-19 ќе побара министерот за здравство Венко Филипче од Владата.

„За влез и за излез од Македонија за сите граѓани, без разлика дали се наши државјани или странци, да се бара негативен ПЦР тест, доказ за примена вакцина или доказ дека ја прележале болеста. Утре ќе знаеме дали и како ќе се имплементира оваа мерка“, нагласи министерот Филипче.

Министерот додаде дека мерки за Тетово засега нема, а Комисијата за заразни болести разговарала да се намали работното време на објектите и намалување на капацитетите во автобусите. Но засега, овие мерки нема да се имплементираат.

Филипче изјави дека по пример на САД, ќе се препорача трета доза за луѓе кои што се имунокомпромитирани.

„Со трета доза ќе бидат вакцинирани пациенти кои што се трансплантирани, пациенти кои што се на хронична дијализа и други пациенти со имунодефицит согласно дијагнозата. Процесот ќе стартува во текот на неделата“, нагласи Филипче.

Од денеска почнуваат со работа модуларната болница до Клиниката за инфективни болести, инфективното одделение во ГОБ „8 Септември“, еден дополнителен тријажен центар на Институтот за ТБЦ и два тријажни центри во рамките на Здравствениот дом, веројатно тоа ќе бидат поликлиниките „Јане Сандански“ и „Ѓорче Петров“. Направен е распоред на лекарите и согласно тој систем на постојана комуникација која ја имаме ќе бидат препраќани пациентите со цел да им се даде соодветно болничко лекување, додаде Филипче.

И понатаму расте бројот на новодијагностицирани случаи со Ковид-19, а се зголемува и бројот на пациенти на кои им е потребна хоспитализација. Најголем притисок има во болниците во Тетово и во Гостивар, во Струга исто така се засилува. Викендов имаше голем притисок како од тие градови, така и тука од Скопје во однос на Клиниката за инфективни болести и Институтот за тубекулоза, и тие капацитети се целосно исполнети, рече Филипче.

Потенцира дека вакцинацијата добро се одвива после најавените мерки, што, според него, е добар сигнал.

Гледаме дека има голем број пациенти во градовите каде опфатот со вакцинација е понизок. Градовите каде има висок процент на вакцинирани се Охрид, Битола, Штип, нема пациенти со болниците, што верувам дека и натаму ќе остане така, истакна Филипче.