АВГАНИСТАН

Талибанците ја презедоа контролата врз Кабул и прогласија крај на војната

16.08.2021 13:03

Владата се распадна, вооружени борци шетаат низ претседателската палата, а претседателот Гани ја напушти земјата, наводно за да спречи крвопролевање, предавајќи го Кабул без борба. Според информациите тој се наоѓа во Узбекистан.

Прв ден во Кабул откако Талибанците ја презедоа контролата врз главниот град. Прогласија победа. Владата се распадна, вооружени борци шетаат низ претседателската палата, а претседателот Гани ја напушти земјата, наводно за да спречи крвопролевање, предавајќи го Кабул без борба. Според информациите тој се наоѓа во Узбекистан.

Жителите и странците панично бегаат на аеродромот во Кабул, каде што владее тотален хаос. Луѓето очајно се обидуваат да влезат во кој и да е авион.

„Повеќе од 40 години сме во војна. Не видовме ништо освен катастрофа и борби. Секогаш живееме со надеж за долготраен мир, да нема повеќе убиства и борби. Загубив двајца од моите браќа и еден братучед во оваа војна, затоа сакам мир“, вели жител на Кабул.

САД испраќа дополнителна војска за евакуација на своите граѓани. Сега на аеродромот има околу шест илјади амерокански војници.

„Работиме на тоа нашиот персонал да биде безбеден. Ги преместуваме мажите и жените од нашата амбасада на локација на аеродромот. Тоа е причината зошто претседателот испрати голем број сили да се осигура дека иако го намалуваме нашето дипломатско присуство, тоа го правиме на безбеден и уреден начин“, изјави дражавниот секретар на САД, Ентони Блинкен.

Десетици нации од целиот свет ги повикуваат сите страни во Авганистан да го почитуваат и олеснат заминувањето на странски државјани и Авганистанци кои сакаат да ја напуштат земјата. Повеќе од 60 држави во заедничка изјава се осврнаа на влошената безбедносна состојба во Авганистан.

„Признавам дека Талибанците ја контролираат земјата, не мора да бидете политички научник за да забележите каква е ситуацијата. Побарав помош од трета земја за да побараме гаранции од Талибанците дека ќе го заштитат нашиот народ“, изјави Бен Волас, секретар за одбрана на Обединетото кралство.

„Има 53 Новозеланѓани во Авганистан, на сите им беше понудена конзуларна поддршка. Нов Зеланд останува во близок контакт со нашите партнери и други влади на терен и ќе бараме начин на кој Нов Зеланд ќе може да го поддржи хуманитарниот одговор“, вели Цасинда Ардерн, премиер на Нов Зеланд.

Кабул беше последниот голем град на патот на експресната талибанска офанзива, која почна пред еден месец, откако САД и сојузниците почнаа да се повлекуваат од земјата по меѓусебниот договор.  Портпаролот на Талибанците најави дека наскоро ќе се знае составот на новиот режим во земјата и повика на возобновување на меѓународните односи.

 

Марина Ристова