Ковид-19

Епидемиолошката состојба сѐ посериозна, предложени дополнителни мерки

16.08.2021 14:31

Епидемиолошката состојба станува сѐ посериозна, инфективните клиники се полнат, се отвораат модуларните и нови ковид центри. Мерките да се почитуваат- апелираат здравствените власти. Во најава нови предлог- рестрикции за влез и излез во земјава. Утре ќе се знае дали ќе се бара ковид сертификат и за македонски и за странски државјани...

Комисијата за заразни болести ќе ѝ предложи на Владата нови, дополнителни мерки. За влез и излез од земјава, и за граѓани на Македонија како и за странските државјани, да се бара или потврда за примена вакцина против Ковид-19, или негативен ПЦР тест или потврда за прележана болест.

Надлежните решиле засега да нема рестриктивни мерки за Тетово, иако расте бројот на новозаболени и хоспитализирани во овој град. Алармантна е состојбата и во Гостивар, Струга. Викендов наплив на пациенти имало и во Инфективната клиника во Скопје и Институтот за туберкулоза.

Филипче потенцираше дека во градовите кадешто има голем процент на вакцинирано население, како Охрид, Битола и Штип, нема притисок во болниците. Според министерот, мерките не се задоцнети, целта е со имунизацијата да се постигне колективниот имунитет.

Стапи во сила мерката со која во рестораните и кафулињата ќе можат да седнат оние кои се вакцинирани или прележале ковид.

Вработените во угостителските  објекти го бараат потребниот документ пред гостите да влезат. Граѓаните со свои мислења за состојбата.

Во земјава, вакцинирано е 35 насто од населението и околу 4.000 деца на возраст до 18 години. Националниот комитет за имунизација ќе препорача трета доза вакцина за пациенти со намален имунитет.

Наташа Јанчиќ Менковски