ВМРО-ДПМНЕ објави дел од кандидатите за градоначалници
Се собираат потписи за независни листи на локалните избори. Партиите ги комплетираат листите, СДСМ најави во текот на деновиве ќе ги соопшти. ВМРО- ДПМНЕ на локалните избори излегува со комплетно нова генерација политичари, обелодени партискиот потпретседател Николоски. Рече дека при кандидатурите, мислењето на граѓаните беше пресудно. За некои општини се номинирани непартиски кадри...

Од Кривогаштани до скопски Центар, со избор на лекари до професори, ВМРО- ДПМНЕ ги објави имињата на 26-те кандидати за градоначалници.
Професорката Наташа Котлар во Центар, Орце Георгиевски, организацискиот секретар на партијата, е кандидат за Кисела Вода, Бобан Стевковски за Гази Баба, пратеникот Иван Јорданов ќе бара доверба од штипјани за градски татко. За нов мандат ќе се натпреваруваат и актуелните градоначалници на Петровец и Сопиште, Борче Митевски и Стевче Трпков.
Од партијата велат на локалните избори одат со проверен кадар, но и со млади политичари.
Потпретседателот Николоски, најави дека и неделава ќе се разгледуваат нови кандидати за градоначалници по што ќе бидат објавени нивните имиња. Не сакаше да каже дали е точно дека ќе ја дадат подршката на Данела Арсовска од Сојузот на стопански комори за градоначалник на Скопје. За главниот град, кандидатот ќе биде објавен кон крајот на месецов.
Миле Ристески
