Продолжува евакуацијата од Кабул, Бајден цврсто стои зад одлуката за повлекување
Продолжува евакуацијата на дипломатите и цивилите од Кабул. Еврокомесарот за економија Џентилони предлага отворање на хуманитарни коридори за да се избегне неконтролиран бран. Талибанците ги повикаа државните функционери да се вратат на работа...

Воените авиони повторно почнаа со евакуација на дипломати и цивили од аеродромот во Кабул. Американската влада испрати 6.000 војници за обезбедување, а германскиот Бундесвер ја однесе на безбедно првата група луѓе. На терен се и воени тимови од други европски земји. Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека целосно стои зад неговата одлука да се повлече од Авганистан.
„Во Авганистан постојат храбри и способни специјални единици и војници, но ако Авганистан не може да има даде сериозен отпор на Талибанците сега, тогаш нашето присуство од една, пет или 20 години таму немаше да направи некоја разлика“, изјави американскиот претседател, Џо Бајден.
„Во Авганистан се присутни терористички групи и повторно ќе се обидат да ја искористат дестабилизацијата. Авганистан не смее пак да се претвори во засолниште на терористите. Ќе направиме се за да Русија, САД и Европа можат да соработуваат ефикасно зашто делиме заеднички интерес“, рече францускиот претседател, Емануел Макрон
„Очигледно нашите напори не беа доволно силни. Потребно е повеќе време од што мислевме. Во Авганистан бевме 20 години и во овој период не успеавме, па мора да признаеме дека напорите не дадоа напредок и дека треба да ги научиме лекциите, односно да си поставиме помали цел во тие мисии“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.
Претходно, во Кабул загинаа неколку цивили обидувајќи се да качат на авион кој полетуваше. Во меѓувреме, Талибанците прогласија амнестија за сите државни функционери и ги повикаа да се вратат на работа. Голем дел од населението и натаму бега кон границите. Европскиот комесар за економија Џентилони предлага отворање на хуманитарни коридори за да се избегне неконтролиран мигрантски бран.
Маја С. Филдишев
