Царовска: Учебната година ќе почне со физичко присуство доколку дозволува епидемиолошката состојба
Оваа одлука треба да ја потврди и Владата на денешната седница. Министерката очекува наставата да се одвива без проблеми затоа што и минатогодишното искуство покажало дека во училиштата немало трансмисија на вирусот. Досега се вакцинирани и 62 насто од наставниците.

Учебната година ќе почне со физичко присуство сѐ додека тоа го дозволува епидемиолошката слика, вели министерката Мила Царовска. Оваа одлука треба да ја потврди и Владата на денешната седница. Министерката очекува наставата да се одвива без проблеми затоа што и минатогодишното искуство покажало дека во училиштата немало трансмисија на вирусот. Досега се вакцинирани и 62 насто од наставниците.
„Училиштата се веќе обучени, има протоколи, лани беа отворени за помалите ученици и немавме инциденти на интерно ширење на вирусот. Затоа, за оваа година, во интерес на учениците, Кризниот штаб препорача и денеска имаме владина седница на која очекувам дека ќе биде потврдена одлуката“, изјави денеска Царовска.
Министерката посочи и дека постојано ќе се следат препораките од Комисијата за заштита од заразни болести, а доколку дојде до влошување на состојбата и се зголеми ризикот, потсети дека МОН е подготвено и за две други сценација кои ги претстави минатиот месец – онлајн-настава и комбинирано следење на наставата односно неделно ротирање на групи ученици за настава во училиште и онлајн.
