Учениците од први септември се враќаат во училишните клупи
Од први септември основците и средношколците се враќаат во училишните клупи. Наставата ќе почне со физичко присуство сѐ додека тоа го дозволува епидемиолошката слика- потврди министерката Царовска...

Од први септември основците и средношколците се враќаат во училишните клупи. Наставата ќе почне со физичко присуство сѐ додека тоа го дозволува епидемиолошката слика- потврди министерката Царовска. Кризниот штаб оценил дека има услови за отворање на училиштата. Настава онлајн ќе може да следат децата со хронични болести или оние кои имаат тешко болни членови на семејството, како и учениците во изолација.
Дали некој ученик, група или цело одделение ќе оди во изолација во случај на инфекција ќе одлучуваат епидемиолошките служби. Ако состојбата екскалира министерката вели - училиштата се подготвени и за други сценарија – онлајн предавања и комбинирано следење на наставата преку неделни ротации на групи ученици во училница и преку компјутер. Носењето маски ќе биде задолжително- уверува Царовска. Ланските искуства покажале дека учениците брзо се навикнале на протоколите.
До сега се вакцинирани 62 проценти од вработените во училиштата што е двојно повеќе од националниот просек. Нивната вакцинација ќе продолжи и во наредниот период. Од министерството се надеваат на 80 насто вакцинирани – бројка со која, како што велат ќе бидат презадоволни.
Анита Димитријевска Велковска
