Евакуирани повеќето македонски државјани од Авганистан
Шеесет наши државјани веќе ја напуштиле државата и се наоѓаат во Доха или Абу Даби од каде ќе се вратат дома. Состојбата на аеродромот во Кабул и понатаму е хаотична. Силите на САД ја имаат контролата врз летовите. Во земјава ќе пристигнат и околу 200 цивили од Авганистан...

Четиринаесет лица и натаму се на аеродромот во Кабул, од кои 11 уште денеска ќе се евакуираат, а тројца ќе останат до конечно повлекување на војската, соопшти на прес-конференција министерот Османи. Шеесет наши државјани веќе ја напуштиле државата и се наоѓаат во Доха или Абу Даби од каде ќе се вратат дома.
„Синоќа околу еден часот по полноќ аеродромот беше ставен во функција и евкуацијата започна. Утрово околу 4.30 часот, првите македонски граѓани кои биле на аеродромот во Кабул, слетаа во Доха, и се очекува тие да бидат трансферирани во Кувајт“, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Состојбата на аеродромот во Кабул и понатаму е хаотична. Силите на САД ја имаат контролата врз летовите. Авионските билети во еден правец чинат над 1.000 американски долари, вели за МТВ новинарот од Авганистан, Елхам Кан.
„Аеродромот е под контрола на американските сили, тие го контролираат и авоисообраќајот. Но, вчера имаше многу инциденти таму. Огромна бројка на луѓе чекаат на аеродромот и на сила се обидуваат да влезат во авионите за да ја напуштат земјата. За тоа време во Кабул е сѐ уште мирно, сѐ уште нема оган и пукотници. Талибанците го контролираат целиот град“, вели за МТВ новинарот Елхам Кан.
Во земјава ќе пристигнат и околу 200 цивили од Авганистан, за кои има барање од Националниот демократски институт од САД (НДИ) и тоа се главно жени, деца и вработени во оваа организација во Авганистан, и за нив веќе се прават списоци каде ќе бидат сместени, во капацитети кои изразиле спремност да ги примат.
Дали ќе одат во карантин, исто така ќе се одлучува врз основа на нивната состојба и вакциналниот статус.
Катерина Топалова
