Македонија

Сопружници пронајдени мртви во кумановско Табановце

17.08.2021 16:25

Триесет и шест годишната Бранкица и 43-годишниот Бобан од кумановско Табановце, се пронајдени починати во нивниот дом. Полицијата информира дека на телата биле видливи траги од повреди. Јавен обвинител нареди обдукција...

Две лица, брачни сопружници, починати со повреди, се пронајдени  во нивниот дом во кумановско Табановце. Според полицијата на телата кои се пронајдени утрово во 08 часот и 20 минути, биле видливи траги од повреди. Станува збор за 36- годишната Бранкица и 43-годишниот Бобан. Според информациите на жителите од Табановце, нема очевидци на настанот, а случајот во полицијата го пријавил член на семејството.

Според сведоштвото на соседите кои не сакаа да зборуваат пред камерата, убиството најверојато се случило рано утринава, бидејќи тие го забележале мажот во дворот. Соседите укажуваат дека во Табановце било мирно и досега немало вакви поголеми трагедии. Нагласуваат дека и мажот претходно бил познат на полицијата.

Екипи на Секторот за внатрешни работи Куманово и јавен обвинител од Основното јавно обвителство Куманово извршија увид во семејната куќа во Табановце.

„По преземени мерки било констатирано дека Б.С. починала од здобиени повреди од остар предмет, додека нејзиниот сопруг имал прострелна рана од огнено оружје“- изјави Ивана Младеновска, портпарол СВР Куманово.

По наредба на јавен обвинител телата на починатите се предедени на обдукција, а ќе се изврши вештачење и на пронајдените траги и материјални докази.

Елена Георгиевска