Доделени наградите на Фестивалот на античка драма „Стоби“
Три од четирите награди на фестивалот на античка драма „Стоби“ за Битолски театар. На свеченоста врачена наградата за животно дело „Петре Прличко“ за 2020-та на битолскиот актер Слободан Степановски...

Три од четирите награди на Фестивалот на античка драма „Стоби“ кои вчеравечер беа доделени на сцената на Велешки театар, заминаа за Битола, во тамошниот Народен театар. Гран- при за најдобра претстава „Бакхи, краток преглед на распадот“, за најдобра режија Игор Вук Торбица и за најдобра женска улога Викторија Степановска Јанкуловска, додека Зоран Љутков ја доби наградата за најдобра машка улога во претставата „Орестија“, копродукција на Велешки театар и Националната опера и балет. Ова беа одлуките на жирито во состав Васил Зафирчев, Кети Борисовска актери и Роза Трајчевска- костимограф.
На Фестивалот, кој го организираше Велешки театар, се одиграа шест престави во конкуренција за наградата, која беше дијамант за секој победник. Како и пред две години на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, така и во Велес, апсолутен победник е претставата „Бакхи, краток преглед на распадот“ на Битолски театар. Во емотивното обраќање по добивањето на наградата, актерката Илина Чоревска му се заблагодари на режисерот Игор Вук Торбица, кој починал летото, минатата година.
Во чест на победниците се одигра претставата „Отело“ копродукција на Македонскиот народен театар од Скопје и Босанско Народно позориште од Зеница - Босна и Херцеговина. На свеченоста беше врачена наградата за животно дело „Петре Прличко“, на актерот на битолски театар Слободан Степановски, а ја прими неговата ќерка Викторија Степановска- Јанкуловска.
Петар Печков
