АВГАНИСТАН

Талибанците ќе формираат „сеопфатна влада“

18.08.2021 12:47

Tалибанците најавуваат формирање на сеопфатна влада. Ветуваат мандат без дискриминација и одмазда, а имињата на лидерите ќе бидат обелоденети. Европската унија ја запира помошта за развој на Aвганистан, хуманитарната веројатно ќе се зголемува…

„Лидерите на авганистанските Талибанци нема да бидат тајни“, тврди претставник на оваа група која во последните 20 години имаше челници кои не му беа познати на светот. Анонимниот извор за „Ројтерс“ изјавил и дека им е забрането да го слават освојувањето на земјата, но и дека цивилите мора да ги предадат оружјето и муницијата. Според последните изјави на Талибанците, во план е создавање на т.н. „сеопфатна влада“. На првата пресконференција ветија дека нивниот мандат нема да биде одбележан со одмазда, зло и дискриминација. Во меѓувреме, во Кандахар се врати нивниот политички лидер Мулах Абдул Гани Барадар кој во последните неколку години живееше во Катар.

„Сакаме идна влада и систем кој ги вклучува сите луѓе, со секакво образование и со секаов став. Не сакаме веќе војна. Сакаме мир во Авганистан и поради тоа се одржаа овие разговори. Ние сме обврзани на правата за жените кои им се дадени со шеријатот. Жените се дел од општеството. Ќе работат во различни области, и ќе живеат според шеријатот“, изјави Забихулах Муџахид, портпарол на Талибанците.

Повеќето училишта и универзитети останаа затворени. Но во градот Херат наставата продолжи.

„Учениците се присутни во голем број, се носи исламскиот хиџаб, испитите продолжуваат. Учениците се многу задоволни. На работа се и наставниците и админиситрацијата“, вели Басира Басиратка, директорка на женско училиште во Херат.

Во Кабул и натаму улични патроли и контроли.

„24 часа сме им на располагање на луѓето во Областа 10 да им ги штитиме животите и имотите. Ќе направиме се да бидат среќни и да ги запреме сите обиди за вознемирување и кражби.“

И покрај смирувачкиот тон од Талибанците, голем дел од населението е скептично во однос на нивните ветувања. Досега од Авганистан побегнаа десетици илјади луѓе.

Поради промената на власта, Европската унија ја запира помошта за развој за Авганистан.

„Првин, да видиме каква влада ќе формираат Талибанците. Но, правете разлика меѓу развојна и хуманитарна помош. Хуманитарната ќе продолжи и можеби ќе има зголемување. Ќе му помогнеме на авганистанскиот народ“, изајви Жозеп Борел, шеф на европската дипломатија.

Талибанците владееја од 1996 до 2001 година. Контролата ја презедоа минатиот викенд откако освоија голем дел од територијата по повлекувањето на американските трупи.

 

Маја С. Филдишев