Влада: Со новите мерки се штити на здравјето на населението
Портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Мухамед Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 99-та седница на Владата...
Согласно препораките од Комисијата за заразни болести, Владата ги донесе најновите мерки, протоколи и препораки за заштита на здравјето на населението, кои стапуваат во сила од денеска, информираа на прес конференција владините портпароли.
Согласно препораките, Владата донесе одлука без разлика на капацитетот, дали е голем или мал, за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, ресторани, обложувалници и казина, како и за влез на концерти, свадби, спортски настани и воопшто за сите организирани настани на отворено, но и за влез во трговски центри кои се затворени, задолжително треба да се покаже:
-сертификат за вакцинација, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест КОВИД–19, или
-потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето за лица над 18-годишна возраст.
Во сите угостителски објекти опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 гости, задолжителнo e воспоставување редарска служба за контрола и спроведување на мерката. А за оние со помал капацитет под 30 гости контролата е должност на редовно вработените лица во угостителскиот објект.
Останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30% од капацитетот,
Од 1 септември 2021 година домашни и странски државјани ќе можат да влезат на територијата на Република Северна Македонија доколку претходно на граничниот премин приложат:
-сертификат за извршена целосна имунизација (со две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19);
-сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето; или
-медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред влез на територијата на Република Северна Македонија.
За нашите граѓани кои ќе се враќаат во земјата по 1 септември, а немаат ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД-19, ќе се одреди мерка карантин од седум дена домашна изолација.
Владата исто така донесе одлука учебната 2021/2022 година да започне со физичко присуство, со полн капацитет, според утврдените и донесени протоколи.
