Расте бројот на хоспитализирани со Ковид- 19 во Куманово
Нагло расте бројот на хоспитализирани во кумановската болница. Капацитетите речиси се исполнети. Во болницата се лекуваат над 50 пациенти. Повеќето од хоспитализираните се жени над 40 години. Тие не биле вакцинирани и се на кислородна поддршка. Надлежните од општата болница, повикуваат на почитување на мерките, бидејќи велат постои опасност за функционирањето на целокупниот здравствен систем.

Расте бројот на хоспитализирани лица позитивни на Ковид 19 во кумановската болница. Капацитетите на инфективниот оддел и модуларната болница, се речиси исполнети.
Ако до пред една недела состојбата со коронавирусот во Куманово беше стабилна, сега е сосема поинаку. Само во текот на вчерашниот ден, се евидентирани 79 нови позитивни случаи, а бројката на активни случаи изнесува 422.
Во моментов се хоспитализирани 51 пациент, а 20 се во дневната болница. Повеќето од хоспитализираните, односно дури 42 се на кислородна поддршка.
„Сѐ се тоа пациенти со средно тешка и тешка клиничка слика кои се со хоспитализации. Повеќето од хоспитализираните се жени меѓу 40 и 70 години. Има и мажи но повеќе се жени, повеќето се невакцинирани од оваа вкупна бројка имаме 5-6 кои се вакцинирани и тие се со за нијанса поблага клиничка слика, не се на кислородна поддршка“, вели Снежана Захариева, директорка Општа болница Куманово.
Од кумановската болница информираат дека меѓу заболените има и цели семејства. Поради актуелната состојба надлежните повикале од годишен одмор дел од здравствените работници, но и останатиот персонал. Од болницата која ги оспслужува граѓаните од североистокот, апелираат да се внимава на мерките, бидејќи ќе се предизвика проблем во функционирањето на целокупниот здравствен систем.
„Ние не можеме да обрнеме внимание само на ковид пациентите мора ги згрижиме и оние што се болни од малигни болести, интернистичка патологија, сообраќајки постојано имаме цело лето, повреди, раѓања“-дополнува Захариева.
Установата засега продолжува со работа на сите останати оддели. Но доколку целосно се исполнат капацитетите на модуларната болница, ќе се изврши пренамена на некој од одделите.
Елена Георгиевска
