Во Вевчани почна фестивалот за народна култура „Пображење“

18.08.2021 16:19

Зурли и тапани помешани со богатиот староградски мелос, синоќа во Вевчани го означија почетокот на 11- тото издание на фестивалот за народна култура „Пображење“. На сцената настапија културно -уметнички друштва од земјава и од соседна Србија. Фестивалот останува верен чувар на богатата традиционална музика и песна на вевчанскиот крај...

Зурлите и тапаните одекнаа високо на Јабланица. По единаесетти пат синоќа во Вевчани свечено беше отворен Фестивалот на народна култура „Пображење“. Фестивалот останува верен чувар на богатата традиционална музика и песна на вевчанскиот крај, заслужен за силна афирмација на македонската вековна култура и збогатување на туристичката понуда во Вевчани и регионот.

Фестивалот на народна култура Пображење Вевчани е значаен за развојот на фолклорната традиција во Македонија, но и за други учесници кои доаѓаат тука исто така е значаен за промоција на туризмот во Вевчани“, вели Кирил Бебекоски од КУД Дримкол.

Вевчани отсекогаш бил достоен чувар на традицијата, со векови го негува и презентира фолклорното творештво и богатото македонско културно наследство. Во Куд Дримкол членуваат 150 фолклористи почнувајки од 6 до 60 години.

„Ова е невестинска носија богата која што ја носеле невестите во Вевчани“, изјави Јасмина Бебекоска член на КУД Дримкол

Покрај сценско уметничката презентација на орската, инструменталната и вокалната култура, во рамките на фестивалот се реализира и програмска содржина: „Народната култура во Вевчани, инспирација за ликовните уметници“, на која тема сликаат академски сликари, воедно и стручна едукативна вечер „Народните ора низ призмата на етнокореолошките записи“.

 

Соња Рилковска