Сточарство

Антибиотиците кај добитокот да се употребуваат само кога е неопходно

19.08.2021 10:04

Антибиотиците и во ветеринарството треба да се употребуваат само кога е неопходно и со препорака од стручни лица. Нивната неконтролирана употреба, освен за добитокот, може да биде штетна и за луѓето кои се хранат со млекото, месото и со нивните преработки...

Исто како и кај луѓето и лекувањето на добитокот со антибиотици кога во стадото постои инфекција треба да биде контролирано.

Светската здравствена организација препорачува сточарите да ја зголемат хигиената и редовно да вршат вакцинирање со што ќе се намали потребата од користењето на антибиотици на фармата. СЗО советува воведување и соодветни начини на исхрана, со цел намалување на ризикот од здравствени проблеми особено кај младите животни.

Употребата на антибиотиците и кај нас е регулирана со закон. Целта е да се заштити здравјето на потрошувачите и намали резистентноста на организмот од нивната преголема употреба кај животните и кај луѓето преку храната.

Дефинирани се и условите за користењето на антибиотиците со примена на највисоките критериуми за помал ризик на бактериска отпорност.

Според експертите за откривање на еден антибиотик се потребни децении, а за создавање резистентност, односно отпорност кон него се доволни само две до четири недели.

 

Методија Трајков