АВГАНИСТАН

Бајден: Војската останува до последниот евакуиран Американец

19.08.2021 10:19

Американските војници ќе останат во Aвганистан сѐ додека не биде евакуиран и последниот Aмериканец – изјави лидерот на Белата куќа, Бајден. Неговиот авганистански колега во бегство Ашраф Гани се обрати од Емиратите. Талибанците на улиците, смртоносен инцидент на протест во Џалалабад...

Американските војници ќе останат во Авганистан сѐ додека не биде евакуиран и последниот Американец. Претседателот Џо Бајден нагласи дека е можно трупите да останат и по 31-ви август, рокот за нивно повлекување. Според него, хаосот бил неизбежен во овој процес.

„Мислам дека не беше праведно, но изборот беше едноставен. Талибанците... еве ќе се изразам поинаку- Владата на Авганистан, лидерот на таа Влада се качи во авион и замина во друга земја, трупите кои ги обучувавме, околу 300 илјади од нив, се распаднаа, ја оставија опремата и заминаа. Тоа се случи“, нагласи Бајден.

Неговиот авганистански колега Ашраф Гани тврди дека морал да замине од земјата бидејќи така ќе била избегната поголема трагедија.

„Сега сум во Емиратите за да го спречам крворполевањето. И се консултирам за враќање во Авганистан и продолжување на битката за правда, суверенитет и повторно воспоставување на вистинските исламски вредности и национални успеси“, рече Ашраф Гани, претседател на Авганистан.

Во Џалалабад, источно од Кабул, талибанските борци отворија оган кон демонстранти кои се обиделе да го стават авганистанското знаме на плоштадот. Во инцидентот има тројца убиени, а десетина се ранети.

„Нема да го спуштам знамето. Ќе се жртвувам себе си.“

„Дојдовме во градот да ја видиме ситуацијата. Ги видовме Талибанците, демонстрантите дојдоа на собирот со знамето и сакавме да ги снимиме. Одеднаш некој отвори оган, не удираа со тупаници и клоци.“

Според „Њујорк тајмс“, Талибанците ја забрзувале потрагата полуѓето за кои веруваат дека соработувале со американските сили и НАТО. Во извештај на советник за проценка на нивото на закана при ОН се наведува дека постојат повеќе извештаи во кои се тврди дека Талибанците имале списоци со лица за кои планираат испрашување и казна.

 

Маја С. Филдишев