Иванов во Ресен: Македонија- дом во кој се гради благосостојба за сите!
Претседателскиот кандидат на ВМРО –ДПМНЕ, Ѓорге Иванов ја претстави програмата за втората кандидатура под мотото „Државата пред се“ пред ресенци...

Колку што сум обврзан да ја пренесам македонската порака по светските престолнини, толку сум обврзан да ги слушам гласовите на моите сограѓани, вели актуелниот претседател Ѓорге Иванов, кој од граѓаните во Ресен ја побара довербата за втор мандат. Вели, да продолжиме да создаваме услови за подобар живот и просперитет на државата. Целиот мандат бев меѓу својот народ, и народот доаѓаше кај мене. Во мојот кабинет примив преку 5.000 граѓани. Кабинетот беше отворен за многу луѓе. Ги слушав, разговарав со нив и секогаш за нивните предизвици дознавав од прва рака. Имаше многумина што бараа помош. Се трудев да им помогнам во рамките на моите надлежности.
„Каде и да одев секаде бев еден претседател за сите граѓани, остварив преку 450 средби со претседатели, премиери, министри и државници. Остварив повеќе од 100 официјални и неформални учества на меѓународни настани, бев домаќин на над 40 официјални посети на шефови на држави на Република Македонија“, истакна Иванов.
Претседателскиот кандидат на ВМРО –ДПМНЕ, Ѓорге Иванов ја претстави програмата за втората кандидатура под мотото „Државата пред се“ пред ресенци. Во неа втемелени 20 столба-државно единство, да нема промена на уставот, владеење на правото, отвореност кон сите,почитувае на рамковниот договор, примеа на иновации и нови технологии, поддршка на семејството и младите, негување на традицијата и културното наследство.
Чест и одговорност е да се биде, вели Иванов, во Ресен, град од каде се родија бројни македонски дејци и херои, кои се изборија за нашата слобода. Некогаш големите Европски сили решаваа за нас, без нас. Денес, вели ние решаваме за нашата држава, за нашата иднина. На 8-ми септември 1991-ва, македонските граѓани сами го решија македонското прашањеи избраа независна, суверена и самостојна држава.
И покрај неправедната блокада од јужниот сосед , продолжуваме да чекориме напред. Како претседател нема да прифатам промена на Уставот и Уставното име, ниту ќе прифатам идеи и предлозишто би го загрозиле нашиот идентитет, македонскиот јазики моделот за соживот. Нема да дозволам Република Македонија и македонските граѓани да бидат обезличени. Македонските граѓани сами одлучуваат за своите клучни национални прашања. Никој, освен македонските граѓани, нема право да одлучува за името на нашата татковина Македонија, вели Иванов. Никој, освен македонските граѓани, нема право да одлучува за иднината на Македонија. За тоа право се бореа и се изборија нашите предци.
„Денес нашата генерација е исправена пред нова мисија, знаеме каде одиме знаеме што сакаме. Ве повикувам сите вас, сите граѓани, стопанственици земјоделци, туристички работници, со заедничка енергија побргу да ги оствариме целите што го обединуваат целото македонско општество- Европа во Македонија и Македонија во Европа, држава и економија кои создаваат нови работни места. Македонија дом во кој се гради благосостојба за сите“, нагласи Иванов.
Блокадите ќе продолжиме да ги надминуваме со напорна реформска работа дома, и со политика на отвореност, дијалог и соработка кон надвор. Силата на Македонија е во нејзината политика на добрососедство, политика на отвореност и поврзаност , вели Иванов. Целиот мандат работев на продлабочување на билатералната и регионалната соработка со соседите.
Ќе продолжам да се залагам за прекугранична соработка, за искористување на европските развојни фондови што се однесуваат на културата, туризмот, енергетиката, инфраструктурата, животната средина.Македонија да ја градиме како економски развиена држава. Како претседател на Република Македонија,рече Иванов заедно со Владата работев и ќе работам на отворање нови хоризонти за македонската економија, нови пазари за нашите производи и привлекување странски инвеститори во Македонија. Нашите напори веќе ги даваат првите плодови во Ресен.
„Веќе некое време слушаме за чести грабежи низ македонските цркви и манастири. Слушнав дека такви настани имало и во ресенско. Тоа е сквернавење на божјиот храм но и ограбување на македонското културно богатство. Мора да ставиме крај на ваквите појави. Мора да го чуваме и негуваме нашето духовно и материјално богатство. Кои се дел од нашиот идентитет“, рече Иванов.
Европа во Македонија и Македонија во Европа. Држава и економија кои создаваат нови работни места. Македонија, дом во кој се гради благосостојба за сите.Ова се целите што треба да ги постигнеме за што ја барам вашата доверба за уште еден мандат за претседател на Република Македонија, рече Иванов. Само заедно можеме да ги исполниме целите. Само заедно можеме да направиме уште многу за Македонија да биде земја на благосостојба.Одиме кон победата затоа што изборот е Македонија!
Посветеноста, чесноста и отвореноста кон сите граѓани без разлика на националноста и верската определба се адутите со кои Иванов, бара втор мандат, велат коалиционите партнери, кои својата поддршка ја искажаа и на митингот во Ресен.
Караванот на ВМРО –ДПМНЕ за претседателските избори денеска продолжува во Лозово, Свети Николе и Чашка.
Наташа Гркова- Петрушевска
