Угостителските објекти во Охрид и Струга празни, препораките се почитуваат
На првиот ден од примената на новите протоколи во угостителските објекти, охридските ресторани и кафулиња во центарот на градот останаа празни. И гостите и угостителите револтирани од новите протоколи. Иста е состојбата и во струшко, инспекторите велат и таму се почитуваат препораките. Досега направле 600 контроли, нема ниту една казна.

Празни угостителски објекти. На првиот ден од новите мерки, синоќа рестораните и кафулињата во центарот на Охрид останаа речиси празни. Угостителите велат, стравуваат од високите казни, па строго се придржуваат на протоколите. Редари на врата им бараат вакцинални сертификати на гостите,но повеќето немаат, па мораат да си заминат.
Голем дел до туристите особено од странство се збунети, не знаат за новите мерки. Дошле на одмор, но не може да ручаат во ресторан, ниту да сeднат во охридските кафулиња.
„Не не пуштаат нигде, ни на кафе ни на ручек. Јадеме на улици, пиеме кафе по улици, не ни е лошо. Го сакаме Охрид.“
„Сакав уште првиот ден да се вратам. Бев многу разочарана, да седнеш во кафич и ти велат заминувај како да сме болни“, велат туристи од Србија.
„Мислам дека треба да се почитуваат мерките, треба да се вакцинираат луѓето, сигурно СЗО и министерите во светот му мислат добро на народот“, вели гостин од Скопје.
„Јас сум вакциниран, сопругата не. Не ручаме во ресторани“, вели македонец од странство.
„Од Албанија сме, ги почитуваме протоколите. Го носам мојот албански сертификат се вакцинирав за да се заштитам, уште пред два месеци се вакцинирав“, вели гостин од Албанија.
Новите протоколи се уште еден голем удар врз угостителите, кои изминативе две години во пандемијата се соочија со големи финансиски загуби. Угостителите револтирани не сакаа да зборуваат пред камера, велат прометот им е намален за 70%.
Иста е состојбата и во соседна Струга. И таму доследно се почитуваат протоколите. Од Пазарниот иснпекторат велат изминативе три денови направиле 600 увиди и не е констатиран ниту еден прекршок.
Шест иснпектори во струшко постојано се на терен и вршат увид. Некои угостители во знак на протест ставија клуч на врата.
Соња Рилковска
