По една година пауза заживеа локалитетот „Стоби“
Се вратија и посетителите, но и активностите за истражување на археолошкиот локалитет „Стоби“...

Летово археолошкиот локалитет „Стоби“ е голема работилница, се реализираат поголемиот дел од 17-те одобрени проекти. Повеќето се за заштита на културното наследство, но има проекти од ликовна, музејска, издавачка дејност. Екипите се на терен и покрај високите температури и жешкото време.
Покрај овие проекти кои се финансирани од Министерството за култура, има и три меѓународни, еден заеднички со Килкис од Грција, со средства од ЕУ, со кој локалитетот до крајот на следната година, треба да добие музеј, и место каде посетителите можат да се одмараат, напијат сок или кафе. Се работи на Јужниот бедем единствен кој не е конзервиран досега и Јужната порта.
Летово после една година пауза, поради корона пандемија и затвореноста на границите, се вратија странските туристи во локалитетот. Тие се на пропатување по автопатот, од и за Грција, но наоѓаат време да го посетат „Стоби“. Најмногу посетители се од Србија, потоа Италијанци, Французи.
Како новина од мината година, се „ви-ар“ борбите со гладијатори, кога со помош на специјални очила посетителот може компјутерски да следи борба во арената. Така може да се врати за момент во минатото кога тука, пред десетина векови, се случувале вистински борби.
Петар Печков
