Воведен полициски час, Талибанците сѐ понервозни
Познавачите на состојбата предупредуваат дека по преземањето на власта од Талибанците се можни судири, поради дел од населението кое не е подготвено да ја прифати новата власт.

Припадниците на Авганистанскиот Исламски Емират воведоа полициски час во Кабул. Објавија телефонски броеви во случај граѓаните да мора да излезат во време на забраната. Познавачите на состојбата предупредуваат дека по преземањето на власта од Талибанците се можни судири, поради дел од населението кое не е подготвено да ја прифати новата власт.
САД сакаат да ја забрзаат евакуацијата од аеродромот во Кабул, отежната поради вооружените пунктови на Талибанците, како и поради проблемите со документите.
„Им кажувам на луѓето да останат во своите домови и да не доаѓаат во оваа област. Во моментот ситуацијата е луда. Се надевам дека ќе се подобри бидејќи гледам деца како умираат. Ужасно е“, изјави Мохамед Наим, поранешен преведувач на американските воени сили.
Хуманитарна организација собрала шест милиони долари за два дена по апелот за донации за итна евакуација на повеќе од 300 авганистански цивили за кои се смета дека се цел на Талибанците. Меѓу бегалците има адвокати за човекови правата, активисти, новинари, лица за врски со владата, уметници и преведувачи. Дел од евакуираните Авганистанци веќе пристигнаа во Австралија.
„Продолживме да ја засилуваме нашата позиција во Кабул. Шеесет евакуирани лица беа префрлени од Кабул во воздухопловната база Ал Минхад“, изјави Скот Морисон, премиер на Австралија.
Портанешните авганистански лидери од пакистанската престолнина Исламабад предупредија дека Талибанците нема долго да се задржат на власт доколку ги повторуваат грешките од минатото.
„Наш приоритет е да ги запреме нападите на Талибанците врз оние области што ги немаат, особено долината Панџшир. Како што знаете дека тие немаат и некои други области во централната зона на Авганистан, а тоа е многу, многу важно“, вели Ахмад Вали Масуд, поранешен амбасадор во Авганистан.
„Талибанците не можат насилно да владеат во Авганистан. Можеби ја презеле власта со сила, но доколку не ги почитуваат правата на нашиот народ, на жените, децата, етничките заедници и културите во Авганистан, ќе бидат поразени и отстранети од земјата“, рече Калид Нур, син на авганистански политичар.
Францускиот претседател Макрон и неговиот американски колега Бајден се согласија дека е неопходна брза и конкретна координација, додавајќи дека ја делат заедничка одговорност кон авганистанците. НАТО одржува итен состанок во Брисел поради Авганистан.
Марина Ристова
