Македонија

Сѐ уште активни четири пожари

20.08.2021 14:22

Во земјава сѐ уште активни четири пожари. Олабавување на мерката за забрана за движење во шумите. Со посебна дозвола, планинарите и параглајдеристите ќе може да се движат во планините. На Водно, показна вежба и демонстрација на новонабавената опрема за гаснење пожари со адитив во нискостеблеста шума...

На територијата на цела држава од крајот на јули до средината на август имало над 100 пожари. Во Скопје пак за само 15 дена е интервенирано на 129 локации. 90 биле на отворен простор, но како што велат од Скопската противпожарна бригада, ниту еден не бил вон контрола. На падините на Водно, показна вежба и демонстрација на новонабавената опрема за гаснење пожари во нискостеблеста шума. Со користењето на специјален адитив се спречува ширење на огнената стихија.

А во земјава сѐ уште активни четири пожари. Веќе две недели, иако со намален интензитет гори кај селата Раовиќ и Буковиќ во општина Сарај. Во меѓувреме, олабавување на мерката за целосна забрана за движење во шумите. Планинарите, параглајдеристите и лица кои организирано се движат во шумите, со посебна дозвола ќе можат да ги извршуваат своите активности и како што велат од Центарот за управување со кризи, да помогнат со навремена информација за евентуална појава на пожар. На сила и натаму забраната за движење на Водно и националниот парк „Јасен“.

Договорена е натамошната соработка со американските противпожарни служби. Во наредниот период наши тимови ќе заминат во Америка на обука, а нивни инструктори ќе работат во земјава на имплементација на тактиките и стратегијата во гаснењето на пожарите.

Милчо Велески