Финансиската полиција уапси бугарски бизнисмен за криминал тежок 455.000 евра

26.03.2014 12:44

Бугарскиот бизнисмен заедно со двајцата осомничени, кои се во бегство, изготвувале фактури за поврат на ДДВ во кои внесувале фиктивни податоци...

Поради постоење на основано сомневање за сторен финансиски криминал тежок 455.000 евра, Управата за финансиска полиција денеска го уапси бугарскиот бизнисмен Љ.П(42), сопственик и управител на градежната фирма „Интернешенал Инвестмент Груп“ ДОО од Скопје, фирма која го гради плоштадот „Скендер бег“ во Скопје.

Бугарскиот бизнисмен заедно со двајцата осомничени, кои се во бегство, изготвувале фактури за поврат на ДДВ во кои внесувале фиктивни податоци, а малверзациите ги правеле преку фирмата „Сан фармерс – фуд“ од Скопје, која била ангажирана  за производство на градежни работи, иако основната дејност на фирмата била трговија со месо на големо, соопштуваат од финансиската полиција.

Судија во претходна постапка на бугарскиот бизнисмен му одреди мерка притвор од 30 дена.