Ковид-19

Расте бројот на заразени со Ковид-19, метеж пред вакциналните пунктови

20.08.2021 14:47

За една недела бројот на заразени со Ковид-19 се зголемил за 86 проценти. За две недели, близу 10.000 новозаболени во земјава. Сѐ повеќе хоспитализации, над 90 насто од оние со компликации се невакцинирани, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје. На пунктовите за вакцинација метеж. И денска доминираат младите...

Униформираните лица тешко се разбираат со насобраните граѓани пред вакциналните пунктови. Сомнежот дека некој е пуштен преку ред создава напнатост пред поликлиниката Букурешт.

Во ординациите двата тима на лекари и сестри укажуваат, немаме време ниту за пауза. За вакцина се чека од различна причина. Големиот број новозаболени не е една од причините за имунизацијата.

Антиковид мерките ги мотивираа и младите да се заштитат од вирусот. Министерот за здравство е задоволен од зголемениот интерес за вакцинација.

Во Пробиштип близу 50 насто се опфатени со вакцинацијата. Исто толку има во Охрид, Битола. Штип. Податоците покажуваат дека 38 насто од полнолетното население во државава  е вакцинирано.

Изминативе две недели близу 10.000 граѓани се позитивни при тестовите со Ковид- 19, од нив само 15 проценти се целосно вакцинирани.

Процентот на хоспитализираните, а невакцинирани е висок- 91 насто. Во период од две седмици на територија на државата 101 лице починало, 92 пациенти од починатите не биле имунизирани.

Наташа Јанчиќ Менковски