Ковид-19

И вакцинираните да се придржуваат до мерките, апелираат здравствените работници

20.08.2021 15:05

И вакцинираните лица да се придржуваат до мерките, апелираат здравствените работници, бидејќи велат и тие можат повторно да заболат. Основна причина за зголемувањето на бројот на ковид позитивни според лекарите е присуството на поголеми собири, свадби и непочитувањето на мерките за заштита. Куманово е меѓу градовите во кои периодов расте бројот на заболени.

Расте бројот на заболени со корона вирусот во североисточниот регион . Во модуларната болница и инфективниот оддел во кумановската болница хоспитализирани се 56 пациенти, повеќето на кислородна поддршка. Дневната болница ја посетуваат 33 лица. Повеќето од заболените не се вакцинирани. Куманово е меѓу градовите кои веќе ги зафати четвртиот бран. Согласно статистиката на Министерството за здравство, изминатиов период дневно се евидентираат по над 50 новозаболени лица. Бројката на активни случаи се искачи на 540.

Здравствените работници апелираат граѓаните да се вакцинираат, а оние кои веќе се вакцинирани да бидат претпазливи бидејќи и тие можат повторно да бидат позитивни на корона вирусот. Претседателот на здружението на матични лекари од Куманово, Асани смета дека основна причина за зголемување на бројот на ковид позитивни е присуството на поголеми собири, свадби и не почитувањето на мерките за заштита.

„Барам од оние кои што примиле вакцина пред два-три месеца да не се прават херои бидејќи и нив повторно ги фаќа корона и можеби се главна причина за заразување на луѓе кои можеби нема никогаш да прележат ковид 19 иако не примиле вакцина. Бројот е далеку поголем од оној што го кажува Центарот за јавно здравје бидејќи луѓето сега купуваат тестови во аптеки кои што покажуваат можеби неточни резултати, а сепак се позитивни бидејќи ги знаеме симптомите“, изјави д-р Фатмир Асани, претседател на Здружение на матични лекари Куманово.

Во ординацијата на Асани евидентирани се педесетина ковид позитивни пациенти, од кои триесет веќе имаат примено вакцина. Останатите првпат се позитивни и не се вакцинирани. Во Куманово досега се имунизирани околу 40.000 лица.

Елена Георгиевска