Со американска помош реконструирани здравствени објекти во Пробиштип
Повеќе од 20 години Соединетите Американски Држави помагаат во реализација на крупни проекти во здравството во државата. Еден од нив е целосната обнова на Итната медицинска помош и дел од Здравствениот дом во Пробиштип. Со американска помош се реконструира Клиниката за максилофацијална хирургија во Скопје, а наскоро ќе стартува реконструкција и на Клиниката за хематологија...

Со донација од САД комплетно е реновирана Итната медицинска помош во Пробиштип, а Здравствениот дом е гасифициран и со обновена кровна конструкција. Се работи за целосно енергетски ефикасен објект кој за затоплување ќе користи течен гас, со што се решава и проблемот со аерозагадувањето во регионот, изјави министерот Филипче.
Она што е направено во Здравствениот дом во Пробиштип е резултат на повеќедецениската соработка, изјави командантот на националната гарда на Вермонт.
„Ви благодарам на сите присутни и за тоа што имав можност да го воочам навистина импресивниот одговор на Северна Македонија во ковид пандемијата, како и за реализираните донации кои доаѓаат од Владата на САД. Нашата амбасада овде ја покажува широкоградата соработка и посветеноста која ја имаме за граѓаните на Северна Македонија“, изјави генерал-мајор Грегори Најт, Командант на Националната гарда на Вермонт.
Проектот во Пробиштип е дел од серијата проекти за зајакнување на здравствените институции во државата, во чии рамки се реновираа Клиниката за неврологија, детска хирургија, болницата во Демир Хисар и Ургентниот центар во болницата Осми септември. Во тек е реконструкцијата на Клиниката за максилофацијална хирургија, се подготвува реконструкција и на Клиниката за хематологија.
Во посета на Пробиштип присуствуваше и Ерик Мајер, заменик амбасадор на САД во Македонија.
Славица Величковска
