Продолжува печатењето и издавањето на личните карти
Од денеска продолжува печатењето на личните карти со новото уставно име. Од МВР велат дека издавањето почнува од понеделник. Сепак, нема објаснување по кој основ со подзаконски акт е заобиколено Собранието кадешто е заглавен новиот предлог поради големиот број амандмани од Левица. Изминатиот период околу 40.000 граѓани се без личниот документ. Граѓаните кои немаат важечки лични карти, ќе може да користат услуги на банки и штедилници со пасоши. Доволни ќе бидат и потврдите од МВР за поднесено барање за издавање на лична карта...

По два месеци застој, денеска продолжи печатењето и издавањето на лични карти. Во изминатиот период околу 40.000 граѓани останаа без важечки личен документ.
Проблемот се надмина откако Владата донесе подзаконски акт за усогласување на Законот за лични карти со Законот за употреба на јазиците со кој се овозможи да продолжи процесот на издавање лични карти. Од вчера одлуката е објавена во Службен весник, а министерот за внатрешни работи Спасовски е задолжен да ги преземе сите активности за донесувањето на подзаконскиот пропис со што се овозможува непречено печатење на обрасците и личните карта.
Од Министерството за внатрешни велат дека издавањето на првите лични карти ќе биде во понеделник. Службите се организирани и ќе работат и за време на викендот за да одговорат на барањата на граѓаните, потврдија од МВР.
Граѓаните кои имаат неважечки документ за лична идентификација, ќе може да подигнат пари од банките или да вршат други трансакции со пасош или со потврда од МВР за поднесено барање за лична карта, објави на Фејсбук премиерот Заев. Како што напиша постигнат е договор со Македонската банкарска асоцијација за им се олеснат банкарските услуги на граѓаните кои немаат важечки документ.
Процесот на печатење и издавање личи карти беше стопиран, бидејќи Собранието не го изгласа Законот за лични карти со измените кои ги предложи БЕСА. Партијата Левица го блокираше законот со над 1.000 амандмани.
Викторија Милевска
