Нови 69 специјалисти од САД ќе ги обучуваат домашните доктори

26.03.2014 14:59

Проектот за престој и работа на врвни специјалисти од САД во Македонија се одвива успешно...

Лани 32 специјалисти, врвни доктори престојуваа во јавните здравствени установи во државава и работеа заедно со нашите доктори специјалисти, а годинава се планираат  двојно, во рамки на проектот за престој и работа на врвни специјалисти од САД во Македонија. Од почетокот на годинава престојуваа 17 доктори, оваа пролет ќе дојдат уште 12, а до крајот на годинава се очекуваат уште 40 специјалисти од САД.

Министерот за здравство, Никола тодоров, денес одржа средба со специјалистите кои се присутни во земјава и со координаторот на проектот, Енди Сандерс, кој е овде за да продолжи да го шири интересот за овој проект меѓу специјалистите и медицинските центри во САД.

„Сите американски доктори по нивниот престој изготуваат извештај со кој што споделуваат со нас кое е нивното видување за начинот на којшто функционираат докторите во јавното здравство на Република Македонија и препораки за евентуалните мерки коишто треба да се преземат за подобрување на овие аспекти на функционирање, особено во делот на стручното функционирање“, нагласи Тодоров на денешната прес конференција.