Лозарство

Откупната цена на грозјето неизвесна

23.08.2021 10:41

Откупната цената на винското грозје и годинава е неизвесна. Националната федерација на фармери смета дека Смедеревката и Вранецот реално треба да достигнат цена од 16 односно 17 денари за килограм. Лозарите пак, стравуваат за родот поради штетите што ги направи двомесечната суша...

Почнува откупот на грозјето и повторно е неплански со голем број на манипулации на штета на лозарите, велат од Националната федерација на фармери. Федерацијата повеќе години бара да се создадат вистински партнерски односи помеѓу лозарите и винариите и откупната цена на грозјето да изнесува 16 за Смедеревката  и 17 денари по килограм за Вранецот.

Тие бараат и примена на договорно производство и воведување на банкарска гаранција, онака како што е уреден откупот на тутунот, а Инспекторатот за земјоделство да врши зачестени контроли за време на предавањето на родот.

Исто така сметаат дека стартот на бербата и скалата на шеќерните единици  треба да ја одредуваат релевантни научни институции со цел да нема манипулацији околу цените и количеството на шеќер во зрното.

Бараат и подобрување и одржување на земјоделската инфраструктура, односно на патишта, наводнувањето и одводнувањето и помош во справувањето со климатските промени кои влијаат на квалитетот на сите земјоделски производи.

Според лозарите, поради двомесечната суша и лошото менаџирање со водата од системите за наводнување, родот на некои места е намален од 60 па дури и до 100 проценти.

 

Методија Трајков