Бајден: Работиме да извлечеме што повеќе луѓе
Американскиот претседател Бајден изјави дека 11.000 луѓе биле евакуирани од Кабул во текот на викендот. Рече дека сѐ уште се надева дека операциите за евакуација од Кабул би можеле да бидат завршени пред 31 август.

Во престрелка на авганистанските безбедносни сили, германски и американски војници со непознати напаѓачи на аеродромот во Кабул, бил убиен еден авганистански војник, а тројца биле ранети. Во стампедо на аеродромот загина двегодишно девојче, додека толпа луѓе се обидувале да се качат на авион. Илјадници луѓе сѐ уште чекаат да заминат од Авганистан. Постои голема загриженост поради опасност од напади.
Американскиот претседател Бајден изјави дека 11.000 луѓе биле евакуирани од Кабул во текот на викендот. Рече дека сѐ уште се надева дека операциите за евакуација од Кабул би можеле да бидат завршени пред 31 август.
„Направивме многу промени, вклучително и проширување на пристапот околу аеродромот и безбедната зона. Факт е дека работиме да извлечеме сѐ повеќе групи што итно сакаме да го напуштат Авганистан, почнувајќи од американски државјани и луѓе кои работеа во амбасадите и персоналот со нашите сојузници“, изјави претседателот на САД, Бајден.
Талибанците се заканија дека ќе има последици доколку претседателот Бајден не го одржи ветувањето и не ги повлече американските војници до 31 август.
Во Шпанија слетаа 177 авганистански државјани од Кабул. Во Австралија, пак, пристигнаа 450 евакуирани.
„Заедно со Обединетото Кралство уаспеавме да евакуираме повеќе од 1.000 луѓе. Тоа ги вклучува Австралијците, но и голем број Авганистанци локално ангажирани вработени“, изјави премиерот на Австралија, Скот Морисон.
„Нашиот континуиран фокус е да ги изнесеме сите Австралијци и Авганистанците од ранливите категории, за да се преселат ако е можно. Се води дискусија за изгледите САД да го продолжат рокот за повлекување. Ние сме дел од тие дискусии. И ако тие треба да се продолжат, ние сме апсолутно подготвени да поддржиме продолжување на операцијата на меѓународниот аеродром Хамид Карзаи“, рече Морис Пејн, министер за надворешни работи на Австралија.
Синот на еден од главните водачи на отпорот во Авганистан во 1980-тите, изјави дека нема да им ги предаде на Талибанците областите под негова контрола. Повика на формирање влада за национално единство, која ќе управува со земјата со учество на талибанците, предупредувајќи дека војната ќе биде неизбежна доколку талибанците одбијат дијалог. Меѓудругото повика на поддршка од западот.
Рускиот претседател Владимир Путин, пак, изјави дека треба да се спречи доаѓањето на бегалците од Авганистан, меѓу кои може да се кријат „маскирани борци“, по преземањето на земјата од страна на Талибанците.
Марина Ристова
