Народна банка: ММФ на Македонија ѝ додели 161 милион евра
Износот е доделен во рамките на новата општа распределба на специјални права на влечење на ММФ и соодветствува со нашата квота во Меѓународниот фонд. ММФ распредели околу 551 милијарда евра на 190 земји членки.

Меѓународниот монетарен фонд ѝ додели нови, 133 милиони специјални права на влечење, или околу 161 милион евра на земјава, коишто денес ќе бидат вклучени во официјалните девизни резерви, соопштуваат од Народната банка.
Износот е доделен во рамките на новата општа распределба на специјални права на влечење на ММФ и соодветствува со нашата квота во Меѓународниот фонд. ММФ распредели околу 551 милијарда евра на 190 земји членки.
Ова е најголемата распределба на специјални права на влечење во историјата. Последната општа распределба беше во 2009 година, кога беа доделени 161,2 милијарди специјални права на влечење на земјите членки.
Целта е да се обезбеди непречен пристап до девизна ликвидност за земјите во време на најголемата здравствена и економска криза со која се соочува светот во изминатите децении.
Придобивките за земјите се повеќекратни - брзодостапна и безусловна девизна ликвидност, се зголемува девизниот потенцијал на економијата, што го јакне потенцијалот на економиите за справување со кризата, стои во соопштението од Народната банка.
