Зголемени хоспитализации, продолжени карантини- Делта сојот се шири низ светот
Делта сојот се шири во светот. Во Србија се заразуваат пациенти од невакциниран медицински кадар. Продолжува карантинот во Нов Зеланд и Австралија. Кенија доби први вакцини од САД. Тајван разви сопствена вакцина...

Инфекции и хоспитализации во пораст во Србија. Прославите, неодговорното однесување и враќање од одмор, придонело за пораст на новозаразени во Шумадија, каде пред три недели имало само 4 случаи, здравствените власти предупредуваат дека бројот ќе расте оти пациенти се заразуваат од Ковид-19 од медицинскиот персонал што одбива да се вакцинира. Кризниот штаб воведе мерки пропусници за невакцинираните здравствени работници.
„Некој на кого му е дијагностициран рак може да има право да не се вакцинира поради здравствената состојба, но апсолутно е неприфатливо да дојде и да го зарази нашиот здравствен персонал. Бевме доста ригорозни во Ниш. Медицински сестри кои не биле вакцинирани ги пренесовме во одделение каде што не се во контакт со пациенти. Државата дефинитивно треба да најде механизам што ќе ги натера овие луѓе да се вакцинираат. Мислам дека е нецивилизирано и неоправдано и целосно нехумано некој да дојде во болница и да биде заразен од медицинскиот персонал“, изјави проф. Радмило Јанковиќ, директор на Универзитетскиот клинички центар во Ниш.
Нов Зеланд го продолжи карантинот до идната недела поради зголемениот број на случаи на Ковид-19. Откриени се 32 жаришта на заразени со делта сојот. Дневно во државата се регистрираат по најмалку 35 нови случаи, но се очекува зголемување до крајот на неделата. Расте и интересот за вакцинација. Дневно се администрираат по над 35 илјади дози вакцини.
„Остануваат голем број неодговорени прашања.Имаме уште малку да поминеме.Потребна ни е поголема сигурност. Не сакаме да ризикуваме со делта сојот“, изјави Јасинда Ардерн – премиер на Нов Зеланд.
Австралија се уште е во карантин иако премиерот најави ублажување на мерките, но не пред постигнување на доволен број на вакцинирани. Против Ковид-19. Федералната влада претстави план во четири фази за ублажување на ограничувањата откако ќе се вакцинираат 70% од нејзините 25 милиони луѓе на возраст над 16 години.
„Штом ќе стигнете до 70 проценти вакцинирани, планот предвидува дека треба да одиме напред. Не можеме да живееме во страв. Наша задача е да се осигураме дека сме подготвени за следната фаза. Тоа значи дека мора да продолжиме да се вакцинираме со рекордно темпо како што тоа сега го правиме. Мора да се осигураме дека нашите јавни здравствени системи се подготвени за зголемување на бројот на случаи што ќе се појават“, изјави премиерот на Австралија, Скот Морисон.
Африка е со најмал број на вакцинирани. Но, поразвиените држави почнаа со донација на вакцини. САД донираше над 880 илјади дози на Кенија.
„Модерна е втората вакцина што се користи откако започнавме со администрација на Астра Зенека во март оваа година. Оваа пратка е прва од 3,5 милиони дози вакцини во Кенија од страна на американската влада, која вклучува и уште 1,76 милиони дози на вакцина Фајзер кои треба да се испорачаат кон средината на следниот месец“, изјави Сузан Мочаче- главен секретар во Министерство за здравство на Кенија.
„Оваа донација е дел од посветеноста на администрацијата на Бајден-Харис, да помогне во борбата против СОВИД-19 низ целиот свет. Ова се првите вакцини Модерна што пристигнаа во Кенија и тие се истите, безбедни вакцини Модерна кои се користат за вакцинирање на Американците во Соединетите држави“, рече американскиот амбасадор во Кенија, Ерик Книдлер.
Претседателот на Тајван, Цај Инг-Вен ја доби првата локално развиена вакцина против Ковид-19 на медицинскиот колеџ на Националниот универзитет во Тајван.
Околу 40 проценти од популацијата на Тајван се вакцинирани со една доза АстраЗенека или модерна. Цаи се откажа од користењето на тие вакцини оти стратешки приоритет е развој на локално произведени вакцини.
Ирина Гелевска
