Театарската сцена ќе остане засекогаш поврзана со Мери Бошкова

26.03.2014 15:17

Замина актер со посебен сензибилитет во сценскиот израз, се реакциите на колегите од Прилеп по веста за смртта на доајенот на македонското глумиште Мери Бошкова. И нема поголема слава за актерот да се сеќаваш на неговото творештво спроти Светскиот ден на театарот, велат во ансамблот на Прилепскиот театар кој се подготвува да го одбележи меѓународниот празник на театарот со една од своите култни претстави...

Театарската сцена останува засекогаш поврзана со доајенот на македонското глумиште, Мери Бошковa, нагласуваат прилепските актери по веста за нејзината смрт.  Госпоѓа Министерка, Бароница Кастели, Нора, се ликови одиграни со посебен сензибилитет. Знак е, велат, еден доајен да замине токму спроти Светскиот ден на театарот.

„Еден е од камен-темелниците на македонскиот народен театар, поготово кога се знае дека македонскиот театар долги години страдаше за актерки“, вели актерот Димитар Вандески.

„Имаше посебен стил на игра, постојано беше „жива“, имаше и специфичен говор“, вели актерот Најдо Тодески.

Својата порака за Светскиот ден на театарот ја праќа и прилепскиот ансамбл со бесплатната изведба на култната комедија „Од Кол на кол“ во режија на Коле Ангеловски. Публиката пак, со порака до актерите –ќе дојде и на 100-та изведба.

„Театарот е живот. Го имам тоа задоволство што 50 години го прославувам 27 март, сега, со посебна радост што ја играме претставата „Од кол на кол“. Оваа е седма година откако е на репертоарот“, вели актерот Димитар Вандески.

„Прилепскиот театар со гордост го одбележува овој датум, затоа што имајќи ги предвид ентузијазмот и силата кои ги носи во себе, знаеме дека ќе ги повториме овие успеси“, вели Тони Чатлески директор на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

За актерите - Патот до театарот за сам да ја побараш вистината, како што стои во пораката – секогаш е отворен.

 

Елизабета Митреска