Голем интерес за закуп на земјоделско земјиште до три хектари
На вториот јавен повик за закуп на државно земјоделско земјиште се понудени парцели во 14 општини. Површините се наменети за одгледување на долгогодишни насади, а изборот на закупувачите ќе биде по пат на бодување. Поднесувањето на документите ќе трае до 4-ти септември...

Голем интерес кај земјоделците за јавниот повик за земање под закуп на државно земјоделско земјиште,особено во регионите на Кавадарци и Росоман.
Освен во овие 2 општини, парцели со големина до 3 хектари се понудени и во Битола, Македонски Брод, Виница, Делчево, Кочани, Крива Паланка, Крушево, Кратово, Неготино, Пробиштип, Радовиш и во Велес.
Парцелите се наменети за одгледување на долгогодишни насади, а идните корисници во зависност од културата која ќе ја одгледуваат ќе ги добијат за користење во период од 15 до 70 години.
Право на учество имаат домашни физички и правни и странски правни лица. Правните лица мораат да достават бизнис план, а физичките програма за користење на земјиштето. Почетната цена на закупот се движи од 1.450 во Кратово до 16.800 денари по хектар во Неготино.
Доколку закупецот е физичко лице е на возраст до 40 години или земјиштето го добие трговско друштво со управител или извршен директор на возраст до 40 години, обврската за плаќање на закупнината почнува по три години од склучувањето на договорот за закуп.
Изборот ќе се врши со бодување. Најголем број бодови, односно 65, добива месното население.
Методија Трајков
