Светска премиера на „Сестри“ на Дина Дума во Карлови Вари

24.08.2021 11:14

Филмот е дел од компетитивната официјална програма East of the West (Источно од Западот). Оваа селекеција е наменета за автори на прв и втор долгометражен филм од Централна и Источна Европа, Балканот, земјите од поранешниот Советски Сојуз, Средниот Исток и Северна Африка.

Филмот „Сестри“ во режија на Дина Дума, а во продукција на Лист Продукција - Скопје, вчера ја доживеа својата светска премиера на престижниот фестивал од А-категорија во Карлови Вари, Република Чешка.

Филмот е дел од компетитивната официјална програма East of the West (Источно од Западот). Оваа селекеција е наменета за автори на прв и втор долгометражен филм од Централна и Источна Европа, Балканот, земјите од поранешниот Советски Сојуз, Средниот  Исток и Северна Африка.

„Сестри“ е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест, кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување.

Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, а музиката е на Игор Василев - Новоградска.

„Сестри“ е поддржан од Агенцијата за филм на Р. Северна Македонија, и е регионална копродукција помеѓу Северна Македонија, Црна Гора и Косово.

Филмскиот фестивал во Карлови Вари е најголемиот фестивал во Република Чешка и најпрестижен во Централна и Источна Европа. Тој е еден од најстарите филмски фестивали од А категорија, заедно со фестивалите во Кан, Верлин, Венеција, Локарно, Сан Себастијан.