Бајден под притисок, САД бара повеќе време за евакуација
Франција, Британија и Германија веќе размислуваат за продолжување на рокот 31 август, во пресрет на утрешниот самит, а Германија бара аеродромот во Кабул да биде отворен за евакуација и по 31 август.

Американскиот претседател Бајден е под голем притисок од јавноста, бидејќи САД бараат уште време за да ја извршат целата евакуација од Авганистан. Франција, Британија и Германија веќе размислуваат за продолжување на рокот 31 август, во пресрет на утрешниот самит, а Германија бара аеродромот во Кабул да биде отворен за евакуација и по 31 август.
„Добрата вест е што евакуиравме над 2.000 луѓе во последните 24 часа. Тоа значи дека евакуиравме 8.600 луѓе од 14 -ти август“, изјави Бен Валас, британски министер за одбрана.
Талибанците порачаа дека доколку Бајден го продолжи рокот, тоа ќе претставува прекршување на нивниот договор.
„Сакаме сите авганистански политичари да бидат дел од идната авганистанска инклузивна влада“, рече Сухаил Шахин, портпарол на Талибанската политичка канцеларија во Катар.
Жителите побараа исламскиот емират да ги врати сите политичари, власти, бизнисмени, познати личности.
„Бизнисот е во опаѓање, многу луѓе дури и ученици работат како вратари. Некои семејства кои избегаа од тука поради безбедносни причини се вратија и се соочуваат со економски проблем. Ситуацијата не е добра“, вели жител на Кабул.
Во Кабул и на аеродромот и натаму хаос. Десет илјади луѓе се евакуирани од главниот град, а илјадници други кои се обидуваат да избегаат се заглавени на аеродромот. Украински авион кој слета во Авганистан поради евакуација на Украинци бил киднапиран од неидентификувани вооружени лица. Леталото било пренасочено кон Иран.
Масуд: Ако нема преговoри, неизбежна е граѓанска војна
Лидерот на групата Национален фронт, Ахмад Масуд рече дека е потребно Талибанците да сфатат дека единствениот пат напред е преку преговори. Порача дека фронтот не сака војна, дека му се спротивставиле на Советскиот сојуз, па ќе им се спротистват и на Талибанците.
„Порано ги победивме Талибанците за контрола врз северот. Тие мораа да се повлечат. Овој пат цврсто стоиме и ќе ги натераме нивните водачи да избегаат.“
Лидерот на единствената опозициска група во Авганистан предупредува дека е „неизбежна“ граѓанска војна во земјата доколку Талибанците не прифатат да преговараат за поделба на власта. Талибанците, кон крајот на јули, откако го освоија вториот по големина авганистански град, Кандахар, погубија познат авганистански комичар, кој преку песна и танц ги исмевал на социјалните мрежи.
„Скај“: Лице од црната листа долетало од Авганистан
Лице од црната листа на кое му е забранет влез во Обединетото Кралство долетало со воен авион од Авганистан во земјата како дел од евакуацијата од аеродромот во Кабул, јави „Скај њуз“.
Владата соопшти дека во Авганистан име луѓе кои претставуваат сериозна закана за националната и јавната безбедност. Според информациите пет лица на црната листа се обиделе да го напуштат Авганистан со британска помош. Четворица биле запрени, додека петтото лице успеало да се пробие до Бирмингем.
Марина Ристова
