Се засилува трката по гласови
Социјал- демократите финишираат со комплетирањето на листата на кандидати за градоначалници, ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште ги сондира мислењата. Од опозициската партија најавија дека следната недела ќе ја објават последната листа на кандидати, а меѓу нив и фаворитот за градски татко на Скопје.

Се засилува трката по гласови за локалните избори, иако до официјалниот старт на кампањата има повеќе од еден месец. Социјал- демократите финишираат со комплетирањето на листата на кандидати за градоначалници, ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште ги сондира мислењата. Од опозициската партија најавија дека следната недела ќе ја објават последната листа на кандидати, а меѓу нив и фаворитот за градски татко на Скопје.
Се пролонгира и објавувањето на нивната коалиција со Алијанса и Алтернатива. Сепак, велат, нема проблеми во преговорите за коалицирање и за најмногу 10 дена се ќе обелодени соработката. Од ВМРО-ДПМНЕ навестуваат дека ако победат на локалните, веднаш ќе бараат и предвремени парламентарни избори.
Пандемијата и одложувањето на изборите е тема која партиите ја користат да ја префрлат топката на другиот. Заедничко во официјалните изјави е дека никој не сака и нема да бара одложување на локалните и покрај зголемениот број на ковид- заболени.
Во меѓувреме независните кандидати и листи за советници ги собираат потребните потписи за кандидатура. Интересот голем. До сега четворица кандидати за градоначалници и тројца носители на советнички листи ги собрале потписите. Рокот е до 30-ти август.
Пристигнува и првата тура апарати за гласање со отпечаток од прст. Во почетокот на септември целосно ќе се комплетираат. Фингерпринтот првпат ќе се користи за локалните на 17-ти октомври.
Миле Ристески
