Куманово: Да се почитуваат мерките, бројките ќе растат
Во Куманово само за една седмица регистрирани се над 450 заразени. Од Центарот за јавно здравје информираат дека станува збор за кластери во семејства, кои биле на прослави и летни одмори. Капацитетите во болницата во оваа општина се речиси исполнети. Слободни има само осум места...

Четвртиот бран не го одмина ниту Куманово. Само последнава седмица регистрирани се 454 заразени. Од центарот за јавно здравје Куманово потврдуваат дека свадбите, забавите, и масовното непочитување на здравствените препораки и мерки, но и слабиот интерес за вакцинација, доведоа до масовното ширење на делта сојот. Додаваат дека станува збор за кластери во семејства, од кои голем дел биле на прослави, но и се вратиле од летни одмори.
„Станува збор за тренд на зголемување на бројот на заболени, само за две недели промена во инциденца е за 354 проценти. Минатата недела има починати 16 лица, а активни случаи се 708. Очекуваме доколку продолжи непочитувањето на мерките и невакцинирањето, бројот на новозаболени и во текот на наредниот месец наша проценка е дека ќе расте“, истакна Јадранка Стаменковска, епидемилог во ЦЈЗ Куманово.
Актуелната состојба со пандемијата, го зголеми и бројот на тестирања во лабораторијата на Центарот за јавно здравје. На пунктот дневно се реализираат по 100 ПСР тестирања, но и до 250 брзи тестови.
„За жал бројот на позитивни бргу расте последниве денови дури 50 процени од тестираните излегуваат позитивни, што е поразително. Ние сме спремни да одговориме и на поголем наплив, иако персоналот е прилично исцрпен, цело лето работиме без одмори“, вели д-р Дане Милошевски, началник на лабораторија ЦЈЗ Куманово.
Здравствените работници апелираат граѓаните, особено лицата со хронични болести, да ги почитуваат препорачаните заштитни мерки.
Дека е загрижувачка состојбата со коронавирусот во Куманово потврдуваат и од општата болница. Капацитетите на инфективниот оддел и модуларната болница се речиси исполнети. Слободни има само осум места.
Дневната болница во Куманово ја посетуваат 50 пациенти. Бројот на заразени надмина 700.
Елена Георгиевска
