Ковид-19

Вакцинацијата се препорачува за сите ризични групи

25.08.2021 14:41

На лица што се на хемотерапија, лекарот им советувал да не се вакцинираат. Поради барањето сертификат, не можат да влезат во ресторани и молови. Од здравство негираат- вакцинацијата се препорачува за сите ризични групи...

Бидејќи се на хемотерапија, лекарот им советувал да не се вакцинираат. Сега не можат поради вакциналниот сертификат да влезат во трговски центар, кафеана, секаде каде што се бара. Информацијата која стигна до нашиот медиум ја споделивме со здравствените власти кои велат- напротив вакцинацијата се препорачува за сите групи кои се со зголемен ризик од инфекција, а во овие групи се и онколошките пациенти кои се на посебен вид терапија.

Клиниката за онкологија апелира до сите пациенти дека треба да се вакцинираат, а консултации за тоа кога да примаат вакцина, во која фаза од примањето хемотерапија, да направат исклучиво со својот ординирачки лекар специјалист. Процесот на вакцинација за лицата кои поради здравствени причини не може да дојдат до вакцинален пункт, имаат можност да повикаат домашна посета и да бидат вакцинирани во домашни услови.

Од здружението за борба против рак „Борка“, посочија дека нивните членови речиси сите се вакцинирани, независно дали се на хемотерапија.

„Имаме членови кои се на хематорепија но се вакцинирани, можеби се работи за поединечни случаи доколку се алергични на некои состојки. Тврдам дека близок член на семејството што е на хемотерапија прими вакцина. Цениме дека е особено важна за заболените од канцер“, вели Биба Додева од „Борка“.

Секако, во вакви чувствителни ситуации за овие пациенти, важен е советот од матичниот лекар. Од друга страна, повеќето од старателите на лицата со попреченост кои не сакаа да зборуваат пред камерата ни кажаа дека вакцините им се достапни, но никој не им гарантирал каков ќе биде исходот за нивните деца, родители или роднини, затоа велат не сакаат да брзаат со одлуката за вакцинирање.

Старателите според законот одлучуваат за лицата со ограничена способност дали и кога ќе ја примат вакцината.

Фиљана Кока