Партиите и натаму калкулираат со дел од кандидатите за градоначалници
Извршниот одбор на СДСМ утврди нови кандидати за градоначалници, но сѐ уште официјално не се објавени. Тие се дел од најдобрата понуда за локалните избори, велат од СДСМ. И во ВМРО-ДПМНЕ се убедени дека тие ќе ја освојат локалната власт. Од таму најава дека во почетокот на идната недела ќе биде познат нивниот фаворит за Град Скопје. Претседателката на ССК, Данела Арсовска ќе се номинира како независна за Град Скопје...

Сите кандидати се дел од најдобрата понуда на СДСМ за локалните избори, велат од партијата. На Извршниот одбор утврдени уште 15-ина имиња кои ќе истрчаат на локалните избори. Копјата се кршеле околу кандидатите за Битола и Куманово како поголеми општини. Сепак, во СДСМ се убедени дека нивните кандидати се фаворити.
Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак коментираат оти во партијата на власт се случува раскол и никој не се нафаќа на пораз, единствено старите и компромитирани кадри. Во Прилеп никој не сакал да губи, единствен кој се нафаќал на пораз е вечниот функционер на СДСМ, Сугарески, кој заедно со фамилијата на власт пустошеше изминативе години.
СДСМ нема кандидат кој ќе се нафати да трча ниту во Велес, освен некој стар истрошен кадар како Марјан Николовски, коментираат во ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска ја објави кандидатурата за челната фунција на Скопје како независен кандидат. Нејзиното име претходно се врзуваше и со ВМРО-ДПМНЕ, односно дека партијата ќе ја даде подршката за таа да истрча на локалните избори за Скопје. Од опозициската партија без конкретен одговор, освен потврдата дека во почетокот на идната недела ќе објават дел од кандидатите и за Скопје.
Иницијативата „Зелен хуман град“ објави дека ги собрале потребните потписи за кандидатури за советнички листи и градоначалник на Град Скопје.
Миле Ристески
