Ковид-19

Метеж пред вакциналните пунктови, утре повторно се отвора арената „Борис Трајковски“

25.08.2021 16:39

Во Скопје утре повторно се отвора спортската арена „Борис Трајковски“, состојбата и во главниот град е незавидна, луѓето брзаат да се имунизираат на пунктовите поради подмолноста на делта сојот на Ковид- 19. Имунизацијата е во тек, но сепак дали е соодветна во трката да се победи времето пред есента...

Редици граѓани пред здравствените домови и чекаат за вакцинација. Со цел растоварување на метежот пред здравствените домови, утре повторно почнува вакцинација во малата сала на спортската сала „Борис Трајковски“, каде ќе има околу 20 места за вакцинирање. Од Министерството за здравство информираат дека досега, барем со прва доза, вакцинирани се околу 650.000 граѓани. Оттаму со апел до сите граѓани, а особено до младите, да се вакцинираат бидејќи има доволно вакцини.

Статистиката говори дека стапката на вакцинација е ниска кај младите категории граѓани, и тоа не само кај нас, туку и во светски рамки, што придонесува за развивање на потешки форми на болеста.

Поразговаравме и со граѓаните кои се вакцинираа во Здравствениот дом „Букурешт“ во Скопје. Дел од нив им порачаа на сограѓаните да се вакцинираат.

Здравствените протоколи според кои се бара сертификат за влез во ресторан, кафуле, можат и треба да се дополнуваат. Во дел од институциите на пример на граѓаните не им се бара потврда за вакцинација или за прележан ковид, иако станува збор за затворен простор.

Марија Котовска