Земјоделство

Почна распределбата на „зелената нафта“

26.08.2021 09:51

Земјоделците и годинава ќе ја користат „зелената нафта“. Почната е распределбата на персоналните картички во неколку подрачни единици на Министерството за земјоделство. Критериумите за добивање на оваа финансиска поддршка се големината на површините и видот на земјоделското производство.

Почна распределбата на платежни картички за точење на субвенционирано „еуродизел гориво“ во повеќе подрачни единици на Министерството за земјоделство.

Распределбата стартува со полјоделците кој штотуку ја завршија жетвата и се подготваат за есенската сеидба.

Корисниците на оваа „зелена нафта“ пред да почнат со користење на средствата, откако ќе ја активираат картичката на најблиската бензинска, треба да направат и споредба на сумата која им е на картичката со износот на парите кој ги имаат добиено во решението.

Вкупно за оваа мерка обезбедени се 200 милиони денари. Фармерите за механизацијата ќе можат да купуваат исклучиво дизел гориво, се додека не ја потрошат картичката.

Зелената нафта ќе се добива врз основа на големината на земјоделската површина и видот на земјоделските култури, а ќе се покриваат 50 проценти од трошокот за горивото.

Крајниот рок за искористување на средствата кои се на располагање на „зелената картичка“ е до крајот на април 2022 година.

Методија Трајков